Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, изјави дека е покрената меѓународна потерница за апсење на поранешната државна обвинителка на Венецуела, Луиза Ортега Дијаз, која минатата недела побегна од земјата.
Мадуро ги обвинува Ортега и нејзиниот сопруг дека биле „вмешани во тежок криминал “.
Тие избегаа со приватен авион од Каракас, прво на островот Аруба, спроти венецуелскиот брег, а потоа во Колумбија.
Во изјавата дадена по објавување на потерницата, Ортега ги отфрла обвинувањата на Мадуро и тврди дека тие се „политички мотивирани“.
Обвинителката Ортега сега претставува најгласниот и најопасниот политички противник на власта на претседателот Мадуро, иако таа преходно беше негов сојузник, приврзаник и член на владеачката Социјалистичка партија на Венецуела.
По долгите антивладини протести и бројните убиства на улиците, таа се претвори во критичар на власта, а подоцна и нејзин противник, обвинувајќи ги полицијата и безбедносните сили за примена на прекумерна сила и за убивање на учесници во протестите.
Ортега остро го осуди создавањето на Уставотворното собрание од приврзаниците на Мадуро, наспроти уставниот Парламент на земјата, прогласувајќи го за целосно нелегална институција.
Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос изјави за тамошните медиуми дека Ортега ќе добие политички азил во Колумбија, доколку го побара тоа.
Медиумите во Богота, тврдат дека обвинителката располага со „вредни информации“ за врските на Венецуела и Куба со сега расформирани и разоружани колумбиски левичарски бунтовници од групата ФАРК.
Имиграциските власти во Колумбија во меѓувреме соопштија дека Ортега заминала за Бразил, за да учествува на конференција на државните обвинители од регионалната група Меркосур.
-Сакам да му покажам на светот каков е Николас Мадуро и какво е неговото инкриминирано однесување и на оние околу него, изјави Луиза Ортега Дијаз.




