Со антологиската „Т’ га за југ“ интерпретирана на македонски и англиски јази, Струга синоќа по 56.пат ги отвори Струшките вечери на поезијата.
Директорот на СВП, Мите Стефоски на отворањето порача дека умеењето со јазикот е токму она поради што постојат поетските фестивали.
„Не помалку од мечот освоил зборот. И тие војни понекогаш се и пострашни и посвирепи од оние другите. Не еднаш сме рекле дека поезијата е чувар на малите јазици. Зашто јазикот се сака со творештво. А тоа творештво постојано ги испитува моќите и можностите на јазикот. Она заради што постојат поетските фестивали и што ја дава нивната смисла е да се слави умеењето со јазикот да се создаде нешто што не постоело претходно. Поетското творештво е скулптурирање на светот со жив јазик“, истакна Стефоски.
Најавувајќи ја поддршкаташто Министерството за култура и во иднина ќе ја дава на фестивалот од кој се очекува и понатаму да биде предводник во светот и да го покажува најдоброто од домашното и меѓународното поетско творештво, министерот за култура Роберт Алаѓозовски подвлече:
„Децении наназад овој фестивал кој се одржува во градот на Миладиновци претставува собир на најдоброто од светската поезија, место за размена на искуства, идеи и визии, кои ја движат културата напред, не само нејзините хоризонти, туку и видиците на нашите општества и нашата цивилизација воопшто“, рече Алаѓозовски прогласувајќи го фестивалот за отворен.
На 24.08 (четврток) на програмата се:
10.00 Портрет на Иван Џепароски , минатогодишен добитник на наградта „Браќа Миладиновци“
11.00 Поетско читање на поетите од потесниот избор за годинашен добитник на наградата
12.00 Симпозиумот „Изгубено/најдено во преводот“
13.30 Портрет на Горан Чолакхоџиќ, добитник на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО
16.30 Претставување на програмата Креативна Европа и платформата ВЕРСОПОЛИС
19.00 Вечер на македонска поезија
20.30 Вечер со досегашните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“ по повод 55 годишниот јубилеј