Унгарија го повика на консултации во Будимпешта унгарскиот амбасадор во Холандија откако холандскиот амбасадор во Унгарија остро ја критикуваше унгарската влада на Виктор Орбан, објави агенцијата АФП.
Гајус Шелтема, амбасадорот на Холандија во Унгарија кој е на крајот на својот мандат, во интервју за унгарскиот неделник 168 Ора ги спореди методите на унгарската влада со оние на муслиманските екстремисти.
Критиките беа упатени пред се на начинот на кој Орбан го третира проблемот на бегалците и неговиот речник во кој премиерот ги нарекува бегалците терористи.
“Оние кои стануваа фанатици и се вртат на таков начин кон религијата (…) создаваат непријатели на ист начин како и унгарската влада”, изјавил холандскиот амбасадор во интервјуто.
Шефот на холандската дипломатија Берт Кундерс го опиша овој инцидент како “доста непријатен” и изјави дека за него е јасно дека не може да се споредува унгарската влада со тероризмот.
Кундерс рече дека чека официјален превод на интервјуто и дека зборовите на амбасадорот не се став на холандската влада:
“Тешко ми е да замислам дека амбасадорот токму тоа сакал да го каже”, рече Кундерс. Но, додаде дека Хаг има “оправдани критики” кон Будимпешта особено во врска со унгарското законодавство за невладините организации и правната држава во Унгарија.
Неговиот унгарски колега Петер Сијарто изјави дека Унгарија очекува извинување и дека тоа извинување треба да биде јавно.
ЕУ често го критикува Орбан за неговата политика кон бегалците, медиумите и невладините организации и авторитарното владеење.




