Светски познатиот уметник – муралист Векс Ван Хилик деновиве изработува мурал на зградата над Билната аптека, во центарот на Скопје.
Проектот на МКЦ е поддржан од град Скопје а се состои од изработка на повеќе мурали на фасадите на зградите во централното и поширокото градско подрачје. Град Скопје одвоил 1.250.000 денари за оваа намена.
Минатата година два мурали ја украсија фасадата на МКЦ, едниот изработен од групата ЗЕРО, а другиот од 40-тина прогресивни уметници од Македонија.
До крајот на оваа 2017 година, ќе бидат изработени уште десетина мурали од повеќе прогресивни уметници од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка, информираат од канцеларијата на Коце Трајановски.
Векс Ван Хилик е роден во 1988 година во југозападна Франција. Под влијание на неговите постари браќа, тој почнува да слика уште од најрана возраст и почетна инспирација наоѓа во природата околу него, во флората и фауната.
Хилик подоцна развива сопствен стил: сонувачки, надреален, истовремено вметнувајќи други најразлични влијанија. Сликари како Гистав Доре, Енгр, Караваџо, Дали или Бретон му се постојана инспирација од минатите векови, но, неговото дело е под влијание и на поп-културата, видео-игрите, стрипот, уличната уметност и тетоважите.
Од 2010 година, кога ја остварува својата прва изложба во Тулуз (каде што денес живее и твори), учествувал во голем број изложби ширум Франција.
Неговите дела се познати и во странство, со поставките во галеријата МондоПоп (MondoPop) во Рим во 2012 година и во Салерно, во галеријата Грисл Тату (Gristle Tattoo) во Бруклин, Њујорк и во Мелбурн, Австралија во 2013 година.