Судскиот процес премиерот Груевски против лидерот на НСДП Петковски трае веќе еден час и половина а досега исказ даде само премиерот, додека допрва се очекува излагање на одбраната, како и на Петковски. Неофицијално, можно е уште денес да биде донесена пресуда за процесот- се однесува на изјавата за неделен Фокус на Петковски дека премиерот Груевски се согласил за промена на името.
Премиерот Груевски ова тврдење на Петковски во судницата го отфрли со зборовите:
– Овие невистини ги доживеав многу емоционално, со чувство на загриженост и внатрешен немир од можноста ова тврдење да биде прифатено- и само мал дел од мојата потесна и поширока средина, дека јас сум прифатил промена на името.
Тужителот пак, од своја страна не прифаќа дел од доказите на одбраната.
Г-динот Петковски подоцна ќе дава изјава и според репортерот на НОВА, Сашка Цветковска, се очекува процесот долго да трае, а не се исклучува можноста да се донесе пресуда уште денес.
Сепак, во изјава за интервју за НОВА Бујар Османи, портпаролот на ДУИ го истакна заедничкиот став на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, односно на власта за неопходноста од промена на името. Интервјуто на Османи ќе биде емитувано утре.