Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска одржа прес конференција по повод 100 од новата Влада.
– Незадоволни земјоделци, разочарани пензионери, прелажана младина, издадени национални чувства и национално достоинство, бизнис заедница и синдикати ставени на маргините, заборавени работници, и ниту еден, повторувам ниту еден одржлив, сериозен, поголем, суштински проект кој ќе даде надеж кај било кого дека барем нешто ќе биде добро со оваа власт – рече Никола Груевски.
Груевски најви дека „со локалните избори на 15ти октомври почнува падот на оваа неспособна власт“.
– Овој кошмар може да се прекине на 15 октомври – рече Груевски.
Груевски истакна дека е многу загрижен за правецот во кој оди економијата.
– Економијата е клучна работа која се однесува на сите граѓани без разлика на пол, вера, нација и партија, и оваа неспособност и непосветеност која СДСМ ја покажува на ова поле може да доведе до сериозни ризици и далекусежни последици – рече Груевски.
Според него коцептот за зголемување на минималната плата што го има СДСМ е непродуктивен и неодржлив.
– Пензионерите беа понижени и измамени. Не се случи зголемувањето на пензиите кое сакавме да го направиме. Наместо покачување од по 670 денари месечно како во период кога ние ја предводевме државата, добија само по 10, 20 или 100 денари покачување како резултат на законското усогласување кое новата власт не може да го одбегне, а некои од пензионерите не добија никакво покачување за што има сведоштва – рече Груевски.
Груевски смета дека нашата надворешна политика е без никаков концепт и базирана исклучиво на рушење на достоинството на нашата држава и константно понижување
– Не само што не станавме членка на НАТО и не ги започнавме преговорите со ЕУ, туку сега се обидуваат да ги измамат граѓаните обидувајќи се да го претстават како успех деблокирањето на препораката за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, односно остранување на условеноста на препораката – рече Груевски.
Сепак, Груевски е оптимист и смета дека СДСМ ќе претрпи пораз на локалните избори.
– Стотици граѓани ме прашуваат зошто не го запреме ова цунами, овој хаос, неспособност, неодговорност и негрижа која сите ја гледаат. Одговорот е дека со 51 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, нашиот маневарски простор е ограничен. Само со масовно излегување и гласање против СДСМ на 15ти октомври, ќе започне крајот на овој хаос. Само тогаш народот ја има моќта во своите раце. Поразот на СДСМ на локалните избори не само што ќе биде јасен сигнал од народот за неговото незадоволство од лагите, негрижата и неодговорнсота, туку ќе отвори и можност и потреба за предвремени парламентарни избори во Македонија – рече Груевски.