Селата и малите населени места се се попразни, а градовите се се пополни, додека само за 18 проценти од населението во државата изградени се канализациони системи.
Овие поразителни податоци денеска ги презентира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев На конференција за рамномерен регионален развој во Скопје.
-Во последните 30 до 40 години една третина од населението од целата држава живее во Скопје што укажува дека имаме проблем со регионалниот развој којшто мора да се решава.Тоа е фасцинирачки лош податок, но тој е таков и мораме да ги кажеме бројките такви какви што се и да бидеме свесни за тоа. Ваквата ситуација мора да биде надмината, рече Анѓушев.
Тој ги повика центрите за регионален развој да изработуваат квалитетни проекти за да се обезбеди дека парите ќе завршат на вистинското место, а притоа да се сузбие корупцијата при користењето на тие проекти.
Во рамки на неговиот Кабинет во тек е проект со кој треба да се изработи софтверско решение со кое точно ќе се детектира колку средства од Буџетот се потрошени и во кои региони и на крајот на годината да има јасна слика колку средства од Буџетот се потрошени и во кој регион, односно дали тоа трошење е рамномерно и дали трошењето е еден процент од БДП.
Од 2009 до 2017 година наместо еден процент од БДП биле прераспределени само 0,04 проценти, односно потрошени се само 1 милјарда денари за 560 проекти кои не ги дале очекуваните резултати.
Во Министерството за локална самоуправа веќе се почнати подготовките за Стратегијата за рамномерен регионален развој за периодот од 2020 до 2030 година.