Во Музејот на современа уметност во Скопје, од 8 до 10 септември ќе се одржи второто издание на скопскиот книжевен фестивал „Друга приказна“.
Тема на ова издание на фестивалот е слобода, сон, љубов.
Станува збор за книжевен фестивал за мали фикции што се основал во 2016 година.
Меѓу поважните цели на фестивалот се популаризација на книжевноста; преиспитување на улогата на книжевноста во општеството; преиспитување на жанровските граници, на релациите меѓу „популарното“ и „елитното“, „високото“ и „ниското“, ангажираното и ескапистичкото; преиспитување на улогата на писателот во новите локални и глобални контексти; осмислување и практикување на нови стратегии за културни поврзувања и локално и регионално и глобално; вмрежување на македонските автори и искуства во регионален контекст; збогатување на скопската културна понуда.
Поднасловот на фестивалот, Мали фикции, значи дека примарен интерес се малите книжевни форми, згодни за јавно и сценско споделување. Но, тука се и хибридните книжевни форми, местата каде што книжевноста се среќава со музиката, графиката, медиумите, естрадата, теоријата.
Годинава, лауреат на Друга приказна е Влада Урошевиќ, еден од најзначајните македонски писатели.
На фестивалот, покрај дваесетина учесници од Македонија, ќе учествуваат десетина гости од странство: Миклавж Комељ, Неџат Ибрахимовиќ, Томислав Вречар, Уршка Стерле, Теа Тулиќ, Јасна Жмак, Дејан Илиќ, Вуле Журиќ и Петар Матовиќ.
Во рамки на фестивалот ќе се одржат повеќе читања, дискусии, промоции на книги, работилница за креативно пишување, концерти на Томислав Вречар, Ненад Тонкин и Љупа Ангелов, а по вторпат ќе се одржи и традиционалната борба со едноминутни новели „Овде паѓаат крупни зборови“, во која ќе учествуваат дваесетина писатели од Македонија и регионот.