Ураганот Ирма веќе стигна до државата Флорида во САД и времето почнува се повеќе и повеќе да се влошува, известуваат американските медиуми.
„Оди од лошо во полошо“, вели Џон Хајнс, жител на Ки Вест во Флорида, кој не го напуштил својот дом.
„Внатрешните врати веќе почнаа да тропаат, звучи како некој постојано да ми тропа на надворешната врата. Ветровите доаѓаат, а ова ќе биде се полошо“, дополнува тој.
Целата Флорида е предупредена од ураганот кој ќе удри врз 36 милиони луѓе со силен дожд и ветришта.
Повеќе од 423.000 луѓе се без електрична енергија, а над 72.000 се распоредени во 390 засолништа низ државата.
Ирма со својата разорна моќ уништи голем дел од островите на Карибите и Куба а пријавени се над 20 случаи на смрт.