Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на денешната прес конференција го презентираа планот за економски раст кој според нив ќе овозможи зголемување на конкурентноста во стопанството и подобар животен стандард на граѓаните.
– Владата на Република Македонија отпочнува процес што обезбедува подобар животен стандард за сите наши граѓани и услови за раст на економијата и бизнисот. План за економски раст, за квалитетен животен стандард на граѓаните, е називот на документот со којшто се обврзуваме да создадеме реални шанси за инвестиции, извоз и конкурентност на претпријатијата, со што ќе отвориме можност за повисоки плати и нови работни места во Република Македонија – истакна премиерот Заев на почеток на своето обраќање.
– Во реализацијата на оваа нова стратегија за раст на економијата и за подобар стандард на граѓаните, свесни сме дека вложуваме пари на граѓаните. Тие се акционери во оваа иницијатива. Ним треба да им ги испорачаме резултатите! Резултатите ќе ги постигнеме доколку ги оствариме приоритетните цели на новата економска политика на Владата за индустриски развој на Република Македонија – нагласи премиерот Заев.
Според Заев сите инвеститори се добредојдени.
– Со поддршката на инвестициите, на извозот и на малите и средни претпријатија, ја отвораме спиралата на покачувања на платите. Го направивме првиот чекор со зголемувањето на минималната плата и притоа значително внимание посветуваме на стабилноста на бизнисите паралелно во овој проект. Инсистираме на пораст на платите како еден од двигателите на економскиот раст. Со одредени, првични мерки ги намаливме трошоците на граѓаните, со што ја зголемуваме куповната моќ на граѓаните и го подобруваме животниот стандард – посочи премиерот.
Во однос на мерките за поддршка тој рече дека таа е распределна на три главни области, за нови „гринфилд“ и браунфилд“ инвестиции и за зголемување на конкурентноста, за поддршка на извозот и за поддршка на мали и средни претпријатија.
– Во фокусот на мерките за поддршка ги ставивме малите и средни претпријатија. Тие се двигатели на економијата. Максимално ќе ги помогнеме оние мали и средни претпријатија кои ќе влезат во инвестиции за подобрување на енергетската ефикасност, оние кои ќе ги патентираат своите производи, како и оние кои воведуваат информациони системи и поттикнуваат иновативност – соопшти премиерот.
Вицепремиерот за економски прашања, Анѓушев истакна дека станува збор за нацрт верзија на програмата за којашто во периодот што следи ќе биде отворена јавна дебата и расправа, за сите институции и заинтересирани економски субјекти во државата да учествуваат со препораки, критики и идеи во нејзиното финализирање.
– Оваа програма е максимално транспарентна и ориентирана кон резултатите. Ќе бидат поддржани оние компании и економски субјекти што ќе испорачаат резултати. По завршувањето на фискалната година и по предавањето на завршните сметки кон даночните институции ќе може да аплицираат за оваа програма само доколку прикажат раст во приходите и ненамалување на бројот на вработени – објасни вицепремиерот Анѓушев.
– Мерките се поделени во три групи. Првата група се мерки за поддршка на целата економија и тоа се мерки што ги опфаќаат сите економски субјекти. Втората група се мерки за извозно ориентираните компании, за дополнителна стимулација на нивниот извоз. Третата група на мерки се насочени кон малите и средните претпријатија – рече вицепремиерот Анѓушев.
Поддршка ќе следува за новокреирани работни места доколку исплатената плата е за 50 отсто повисока од минималната плата. Десет отсто од нето од вредноста на платата ќе биде вратена кон инвеститорот. Моделот ќе биде пропорционален, колку е повисока исплатената плата, толку и поддршката ќе биде поголема.
За втората мерка, вицепремиерот Анѓушев рече дека води грижа за високоплатените кадри. Поддршката за компаниите кои ќе дадат плата повисока за два пати од просечната плата во Република Македонија, ќе бидат финансирани со 20 отсто од исплатената плата. Односно, на исплатена плата на висококвалификуван кадар од 45.000 денари, 9.000 денари ќе му бидат вратени на инвеститорот, при што овој износ пропорционално расте во зависнот од висината на платата.
Следната мерка за којашто зборуваше вицепремиерот, има за цел да ја зголеми соработката меѓу домашните компании и странските инвеститори, и рече дека за набавка на 10 отсто на материјални средства за работа од домашни фирми над просекот за последните три години, финансиската поддршка ќе изнесува 1 отсто од вредноста на набавката, а за секои дополнителни 10 отсто, финансиската поддршка ќе се зголемува за 2 отсто од вредноста на набавките.
Во однос на вториот столб на мерки за поддршка на извозот, вицепремиерот Анѓушев рече дека државата ќе обезбеди неповратна финансиска поддршка за фирмите коишто ќе остават годишен пораст на својот извоз за најмалку 5 отсто повеќе од просекот во последните 3 години. Финансиската поддршка ќе се однесува на покривање на 10 отсто од директните дополнителни трошоци за остварување на тој пораст. За пораст на извозот кон државите од Западен Балкан помошта се зголемува за 10 отсто, и нагласи дека помошта за оваа мерка не може да биде повисока од 3 отсто од зголемување на извозот. За освојување и откривање на нови странски пазари фирмите ќе добиваат финансиски средства за покривање на 20 отсто од трошоците.
Планот за раст на економијата создава пријателска средина за бизнис и за повисок стандард на граѓаните





