Млад отворен театар, по 42 пат ќе се одржи од 28 септември до 4 октомври 2017 година. Програмата оваа година е поделена во четири категории, и тоа: главната меѓународна програма, МОТ МК Прегледот, МОТ+ програмата како и придружните фестивалски содржини и програми.
Во рамките на меѓународната фестивалска програма, ќе бидат прикажани десетина претстави од Европа и Азија, кои секоја на свој начин ја потенцира поставеноста на единката пред сликата за вистинскиот живот денес – мигранти, традиција, работници, сираци, бегалци, историја.
Оваа година МОТ фестивалот, повторно во својата програма го вклучува МОТ МК Прегледот. Оваа програма е составена од избор на домашни продукции кои освен пред публиката ќе бидат прикажани и пред петнаесетина европски селектори и критичари, а се со цел нивно натамошно дистрибурирање по сцените надвор од нашата држава. Во оваа селекција ќе бидат прикажани: „Експеримент“ на Артопија, во режија на Јане Спaсиќ, „Силјан штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ и „Разговор во четри очи“ во режија на Нина Николиќ, и двете продукција на МНТ, потоа „Шумата на моето дрво“ на Северно од Импакт – во режија на Александар Ивановски, „Доктор Фауст“ на Битолскиот театар во режија на Андреш Урбан, како и двете продукции на Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура – „Антигона и Креонт“ во режија на Нела Витошевиќ, и „Лерин, полиља жито, ридишта крв“ во режија Слободан Унковски.
МОТ+ програмата ќе ја сочинат три продукции. Во Кино Култура ќе биде прикажана „Систем еррор“ на Факултетот за драмски уметности од Скопје, а во Мала Станица ќе биде прикажана мултимедијалната претстава „Бакнати од сонцето“ во продукција на Театар Пи, во која актери се деца со интелектуална попреченост од дневниот центар „Порака“ од Скопје. Како дел од МОТ+, во сабота на 7 октомври, на плоштадот Македонија ќе го проследиме и мултимедијалниот перформанс „Таго“ од Сеул, Кореа.
Фестивалските вечери ќе бидат збогатени и со музичка програма, па така на платото пред МКЦ ќе се одржат концерти на Sara Renar од Хрватска, Pogan Pagan од Македонија, The Homesick – Холандија, и Elektro Guzzi од Австрија.
Билетите за претставите дел од МОТ МК Прегледот во предпродажба се 200 денари, а од почнувањето на фестивалот на 28 септември се 300 денари.
Билетите од меѓународната програма се 250 денари во претпродажба, а 350 денари по отварање на фестивалот.