Во Нацрт-стратегијата за правосудниот сектор за период 2017-2022 година предвидено е Специјалното јавно обвинителство да стане дел од Јавното обвинителство на Република Македонија, како посебен оддел кој ќе се занимава со повисоки кривични дела. Ова го изјави министерот за правда Билен Салији на денешната прес-конференција по повод 100 дена од формирањето на Владата.
Тој рече дека се работи на подготовка предлог закон за заштита на сведоци.
Во врска со препораката на Прибе, судиите да одговараат кривично доколку сториле кривично дело, рече дека неговата основна препорака е Министерството за правда, односно политиката да е подалеку од судството.
– Ќе настојуваме да се оформат законски решенија за понезависно функционирање на системот, истакна Салији.
Во врска со предложениот закон за аменстија, министерот не прецизираше колкав ќе биде бројот на оние кои ќе бидат опфатени со него.
– Работната група која го изготвуваше Предлог законот, веројатно ги имала предвид сите фактори и сите елементи. Затоа и Владата одлучи да се организираат стручни расправи и дебати. Според некои проценки над 3.000 луѓе лежат во затвор, а над 4.000 веќе чекаат да дојдат на ред да издржуваат казни, рече Салији, додавајаќи дека законот нема да биде донесен пред изборите.
Во врска пак со законот за јазиците, министерот Салији појасни дека било одлучено по усвојувањето на овој закон од Собранието на РМ, тој да се прати на мислење во Венецијанската комисија заедно со двете спорни одредби кои се однесуваат на хартиените и кованите пари, како и за униформите на АРМ.