Синоќа во Скопје, на 87-годишна возраст почина театрологот и театарски критичар Иван Ивановски, истакнат новинар и писател, кој на пошироката културна јавност и е познат како долгогодишен проследувач на театарскиот живот во Македонија и надвор од неа. Својот работен век го помина во Радио Скопје како театарски рецензент, коментатор и уредник на културната рубрика.
Ивановски е автор на околу 50 книги од областа на поезијата, патеписната литература, литературата за деца и театрологијата. Најголем број наслови (повеќе од 40) се однесуваат на книги со портрети на актери, на монографии на одделни театри, на избори на прикази и театарски рецензии и слично. За импозантната театролошка дејност на Иван Ивановски говори и податокот дека досега има објавено преку 2.500 единици – рецензии, студии, разговори итн., од кои некои се преведени и публикувани во низа театарски весници и книги во поранешна Југославија, Полска, Русија, Турција и други земји.
По повод смртта на истакнатиот театролог Ивановски, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски испрати телеграма до семејството со изрази на најдлабоко сочувство.
– Длабоко ме погоди веста за смртта на еден од најистакнатите театарски критичари и театролози во Македонија, неуморниот вљубеник во тетарската уметност, Иван Ивановски. Заминувањето на Иван Ивановски претставува загуба и за македонската публицистика и театрологија, затоа што тој не беше само пионер и доследен професионалец во проследување на театарската дејност, туку беше и вистински пасиониран вљубеник во театарот кому му посвети голем дел од својот живот – се вели меѓу другото во телеграмата од министерот Алаѓозовски до семејството.
Ивановски е добитник на голем број признанија, како: „13 Ноември“, „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, „Крсте Мисирков“,„Димитар Митрев“, како и на државните награди „Св. Климент Охридски“ и „11 Октомври“.