Еден фрижидер и четири обоени sидови. Вака изгледа Банката за мајчино млеко која требаше да профункционира уште пред две години на Клиниката за гинекологија. Банката беше најавена како проект кој ќе спаси живот на многу новороденчиња, особено на предвреме родените. За Банката за донирање на мајчино млеко, од буџетот на Министерството за здравство беа одвоени пет милиони денари (82.000 евра).
„Еве, како што гледате од Банката за мајчино млеко има само еден фрижидер и четири обоени sидови, ништо друго. Ќе направиме напори во најбрзо време да ја пуштиме во употреба , запознаени се со ова и министерот и заменик министерот за здравство“, изјави Викторија Јовановска директорка на Клиниката за гинекологија.
Банката за мајчино млеко беше спектакуларно најавувана уште во 2014 година од тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, а требаше да профункционира во 2015 година. Како што најавија од Министерството за здравство тогаш, Банката е по примерот на европските земји и е неопходна бидејќи мајчиното млеко е од непроценлива важност за новородените, а особено за болните и за предвреме родените бебиња.
Банката за донирање на мајчино млеко е од голема важност за предвреме родените деца, особено за мајките кои не можат да ги дојат своите деца. Како што нагласија тогаш од Министерството, со отварање на Банката ќе се спасат животите на многу новороденчиња.