Шпанската влада ќе ги спроведе уставните овластувања да го замрзне автономниот статус на Каталонија и да го спречи отцепувањето на областа од Шпанија. Тоа го вели шпанскиот премиер Маријано Рахој во објавено ноќеска интервју за весникот „Ел Паис“, пренесе Ројтерс.
На прашањето дали ќе го активира член 155 од Уставот, кој му овозможува на премиерот да ја распушти регионална влада и да закаже нови избори во некоја област, Рахој одговара: „Не исклучувам апсолутно ништо што е во рамките на законот […]. Идеално нема да биде потребно да се применат крајни решенија, но, за да не се случи тоа, работите ќе мора да се променат“, пренесоа светските агенции.
Рахој вели дека има намера да ги остави во Каталонија четири илјади вработени од националната полиција испратени таму поради референдумот за независност на 1 октомври, додека одмине кризата.
Премиерот конзервативец додава дека нема да свикува предвремени општи избори поради кризата, ниту да користи услуги на посредник за нејзино надминување.




