Во рамки на фестивалот Охридско лето, вечерва со почеток во 21 часот, во катедралната црква Св. Софија концерт ќе одржат македонските уметници Страшо Темков – флејта и Марија Вршкова – пијано.
Страшо Темков е еден од најуспешните македонски музички уметници од својата генерација. Подолг период е прв флејтист во Македонската Филхаромонија, а остварува и бројни солистички и камерни настапи на концертните подиуми.
Марија Вршкова се вбројува меѓу најактивните и сестрани македонски музички уметници од помладата генерација – како солист, камерен музичар, пијано соработник кој настапува со врвни македонски и светски уметници на концертните и фестивалските подиуми во повеќе еввропски земји и САД. Марија Вршкова е добитник на наградата за специјално уметничко достигнување како пијано соработник на интернационалниот натпревар „Охридски бисери“ и наградата „Виртуози“ за најдобриот изведувач во 2012 година.