Вечерва во дворот на ОУ „Св. Климент Охридски“ со почеток од 21 часот, ќе биде прикажана театарската претстава „Sports Play“ од Елфриде Јелинек, во продукција на Just a Must Theatre, Лондон – Велика Британија.
„Sports play“ провокативно истражување и врска помеѓу спортот, национализмот и насилството и опис на човечката опседнатост со изгледот и неуморниот спортски дух. Текстот на претставата е напишан во 1998 година и е инспириран од случувањата во поранешна Југославија.
На 13.5.1990 година, редовниот натпревар помеѓу „Динамо“ Загреб и „Црвена Ѕвезда“ од Белград, на стадионот „Максимир“ во Загреб, се претвори во побуна од широки размери во траење од повеќе од 70 минути. Побуните беа предизвикани поради етнички тензии и меѓусебни провокации, помеѓу навивачките групи на двете екипи, што подоцна, за жал, стана симбол и предвестие за војната што ја зафати цела Југославија во годините што следуваа и доведе до дезинтеграција и распад на државата. Елфриде Јелинек го виде сето тоа во Виена и беше мотивирана да го претстави како мешавина од спорт и борба.