Во времетраење од 4 дена, специјалните тимови на повеќе земји и тоа Кина, Швајцарија, Либан, Русија, Канада, САД, Франција и уште неколку други земји вршеа упади во згради и авиони, спасувајќи заложници.
Се работи за тренинг на 32 елитни тимови на специјалци од 18 држави на воен полигон во Јордан.
Специјалните тимови беа оценувани и добиваа поени.
Целото натпреварување се одржа во Центарот за тренинг за специјални операции „Кралот Абудла Втори“.
Како и регуларната Олимпијада, и оваа имаше свој официјален спонзор, компанијата International Defense Systems (I.D.S.), еден од најголемите воени снабдувачи, специјализирани за опрема за специјални единици.
Американскиот тим се натпреваруваше под името на оваа компанија.
Од учесниците, Кина настапи со „Снежните Леопарди“, единица формирана пред Олимпијадата во Пекинг во 2008.
Швајцарија настапи со „Шкорпиони“ од сојузната полиција во Цирих. Либан пак со единицата „Црни Пантери“.
Русија ја претставуваа тим од поранешни членови на КГБ и Спецназ, кои сега работат во приватна компанија за обезбедување во Лондон.
Полкот за специјални операции неодамна вратен од Авганистан, учествуваше во името на Канада.
Од САД настапија три тима од армијата и еден од маринците. Од Франција – армиските падобранци.
За „победник“ се прогласени кинеските „Снежни Леопарди“, кои освоија 5 први места од вкупно 12 дисциплини.