Отстранетиот исламистички претседател на Египет, Мохамед Морси доби 15-дневен притвор во рамките на истрагата на обвинителството, објави телевизија Sky News Arabia, откако претходно во четвртокот генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун ја повика армијата да го ослободи.
Откако беше отстранет од функцијата Мохамед Морси се наоѓа во домашен притвор. Против него во моментов се спроведуваат неколку истраги, за бегство од затвор, предавство на државата, нанесување економски штeти.
Претходно на поранешниот претседател и на другите високи функционери на неговото исламистичко движење Муслиманско братство им беше забрането патување во странство, а исто така беа блокирани и нивните сметки во домашните и во странските банки.
Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, изјави дека ја повикува египетската армија да го ослободи отстранетиот претседател Морси и другите челници на Муслиманското братство.
Бан Ки-Мун сака Морси и неговите сојузници „да бидат ослободени”, како и целиот случај да биде „истражен на транспарентен начин, без натамошно одложување”, појасни портпаролот Едуардо дел Буеј.
Бан „внимателно и со растечка загриженоста ги следи настаните во Египет”, додаде портпаролот, во пресрет на масовните најавени протести во петок.
Едните протести ги организираат приврзаниците на Морси, а другите се во поддршка на челникот на армијата генералот Абдел Фатах ал-Сиси кој повика да му биде даден мандат да „му застане на патот на тероризмот и насилството”.