Македонскиот режисер Слободан Унковски одговори на повикот за поддршка за укинувањето на мерката притвор на новинарот Кежаровски, акција во која се вклучија многу јавни личности, писатели, академици и новинари. Поддршката на Унковски не е само поддршка за новинарот Кежаровски, како што пишува тој, туку и и принципиелна поддршка за слободата на изразување и демократијата. НОВА во целост го пренесува неговото писмо.
– Апсењето на новинарот Кержаровски е страшно зошто е заради јавно публикуван текст и со ваквите акции се загрозува малиот преостанат простор на медиумски слободи и просторот на трагање по вистината кај нас.
Да верував дека власта нема влијание врз судството и дека судството е навистина непристрасно, не ќе го пишував овој текст. Изјавите што стасуваат од судот за тоа дека сите се еднакви пред законот, па зошто и Кежаровски би бил исклучок, би ги дополнил со една скопска синтагма: сите се еднакви пред законот мање више. Судската власт ќе потенцира дека Кежаровски е поеднаков од другите, па не само што нема да го пушти од притвор туку ќе направи се за да го осуди на затворска казна.
-Оваа власт не греши, не се извинува и нема милост, сеедно што се залепила како бршлен до верата и религијата во Македонија и, според тоа, новинарската фела и сите ние што сакаме да живееме во демократија и слободно општество треба да се подготвиме за да се започне поинаква војна со тоталитаризмот. Не се доволни свирчиња или свирежи пред судската зграда, туку ќе биде потребно да се појават црни насловни страни, да згаснат вестите, да сопре ТВ програмата, а граѓаните да излезат на улиците како црница и да се изборат за фер однос кон Кежорвски и кон самите себе си и своите животи.
Веќе неколкумина рекоа, а и јас сакам да предложам: да отвориме еден „ќелеш тефтер“ каде ќе се запишуваат имињата, за да може еден ден, кога ќе се суди за грубите злоупотреби на овој систем, да не се пропуштат некои извршители, послушници, одработувачи, платеници, уривачи на демократските капацитети на нашава земја, судии, обвинители и други служби.
А и новинарите – монструми кои ги спинуваат спиновите, сеедно што Селмани тврди дека такви не постојат. Па да бидеме пак, сите еднакви пред законите…