Демонстранти влегоа во парламентот на ирачките курди во Ербил, гневни поради одлуката на курдскиот претседател Масуд Барзани да поднесе оставка по референдумот за независност што предизвика регионална криза.
Барзани ги прозва САД дека му помогнале на Ирак во освојувањето на курдскиот град Киркук.
При упадот на демонстрантите кои извикуваа дека се курдски борци Пешмерга, се слушаа и истрели.
Претходно претседателот Барзани со писмо го информираше регионалниот парламент дека ќе се откаже од својата функција на први ноември.
Повеќето од пратениците, односно 70 гласаа за барањето на Барзани, а 23 беа против.
Курдскиот регион, кој со години имаше широка автономија, се најде во голема криза откако референдумот за независност пред еден месец предизвика своевиден воен и економски одговор од ирачката централна власт во Багдад.
Во своето обраќање, прво, откако ирачките сили започнаа офанзива за враќање на курдската територија во средината на октомври, Барзани ја бранеше својата одлука да одржи референдум.
Говорејќи пред курдски и ирачки знамиња, Барзани ги критикуваше САД за тоа што дозволиле нивните тенкови „aбрамс“, што им ги доставиле на ирачките сили да се борат против милитантите на Исламската држава, да бидат употребени против Курдите.
-Се обидовме да го спречиме крвопролевањето, но ирачките сили и Народниот мобилизациски фронт продолжија да напредуваат, користејќи американско оружје. Нашиот народ сега би требало да се сомнева дали САД биле свесни за ирачкиот напад и зошто не го спречиле тоа, рече тој, додавајќи дека референдумот за независност никогаш не ќе може да се избрише.




