Белгискиот адвокат Пол Бекарт потврди дека стапил во контакт со разрешениот претседател на Каталонија Карлес Пучдемонт кој во понеделникот допатува во Брисел. Адвокатот потврди дека разговарал со Пучдемонт и дека е именуван за негов правен советник.
Бекарт не сакаше да потврди дали Пучдемонт ќе побара азил во Белгија како што денес пишуваше шпанскиот печат. Но Бекарт е познат како адвокат специјализиран за човекови права, екстрадиција и примена на европскиот мандат за апсење. Овој одличен адвокат е познат по случајот на баскијскиот пар Луис Морено и Ракел Гарсиа, осомничени дека биле членови на сепаратистичката организација на Баскија ЕТА.
Адвокатот не сакаше да даде детали од неговата средба со Пучдемонт. Белгиските медиуми јавуваат дека Пучдемонт во вторник ќе одржи прес конференција во Брисел. Неговото доаѓање во Брисел било организирано од каталонскиот претставник во Брисел Амадео Алтафаж.
Овој викент белгискиот министер за азил и миграција Тео Франкен изјави дека Пучдемонт би можел да побара азил во Белгија по одлуките на шпанската Влада. Министерот исто така се прашува дали Пучдемонт, со оглед на однесувањето на Мадрид, би имал праведно судење во Шпанија.
Франкен е член на националистичката фламанска партија НВА која не ги крие своите сепаратистички амбиции и е една од ретките партии во ЕУ што го поддржува каталонското барање за независност.
Белгиската Влада не сака да коментира а членовите на Владата од партијата НВА изјавија дека доаѓањето на Пучдемонт не било организирано од оваа партија и дека тие не се во тек со неговото пристигнување во Белгија.
Претставник на шпанската Влада изјави дека оваа вест значи дека Пучдемонт се однесува како “очајник”.
Шпанскиот обвинител во понеделникот поднесе тужби против членовите на каталонската влада поради “бунт” и предизвикување на институционалната криза која доведе до прогласување на независноста. “Бунт” е еден од најтешките престапи во Шпанија и може да донесе 30 години затвор, исто онолку колку терористички акт или убиство.
Помеѓу обвинетите е и сега екс претседателот на каталонската Влада Пучдемонт кој од утринава се наоѓа во Брисел.
Белгија е единствената земја на ЕУ во која жител на друга земја членка на ЕУ може да побара азил. Таа можност не постои во другите членки на ЕУ. Но, нема гаранции дека процедурата може да заврши со успех за барателот на азил поради тоа што членките на ЕУ се сметаат за безбедни и демократски земји.




