Член на позната ограбувачка банда „Пинк Пантер“ побегнал од затвор во Швајцарија откако неговите вооружени соучесници ја пробиле капијата и пукале на чуварите, јавува Би-Би-Си.
Агенциите јавуваат дека бегалецот е од Босна и Херцеговина и дека неговото име е Милан Попариќ кој е во затвор од 2009-та година, кога и е осуден на казна во траење од седум години.
Тој е третиот член на групата „Пинк Пантер“ кој оваа година побегна од швајцарски затвор, потсетува АФП.
Попариќ од затворот побегна заедно со Швајцарецот Адријан Алберт, кој бил затворен поради киднапирање, подметнување пожар и перење пари.
Помагачите на бегството со помош на комбе ја пробиле капијата и оградата од затворот во Орбе додека затворениците имале слободни активности во дворот, а потоа ги наместиле скалила за бегалците да може да преминат преку бодликавата жица. Комбето веднаш го запалиле, а потоа побегнале со друго возило.
Од полицијата информирале дека десетина возила се пратени во потера, заедно со колегите од Франција, бидејќи границата се наоѓа на само 15 километри од затворот.
Најголем дел од членовите на „Пинк Пантер“ се со потекло од Балканот, а се прославија по големите кражби на накит и скапоцени камења.