Светски познатиот гудачки квартет „Бонд“ од Британија вечерва има концерт во Античкиот театар во Охрид на фестивалот „Охридско лето“.
Четирите девојки ќе изведат нумери од сите нивни албуми, а една ќе биде отсвирена специјално за македонската публика. Станува збор за композицијата „Александар Велики“ од нивниот прв албум. Нумерата е на предлог на нивниот продуцент, чија сопруга е Македонка по потекло.
По Охрид се враќаат во Лондон каде имаат закажано настапи, а подоцна годинава треба да одржат концерти во Кина. Во моментот работат и на нивниот нов албум.
Составот го сочинуваат Таниа Дејвис (виолина), Иос Чатер (виолина), Елспет Хенсон (виола) и Геј-Ји Вастерхоф (виолончело). Образованието го стекнале на најпризнатите музички институции во светот, а нивната музика се смета за извонреден чин на пркосење на стиловите.
Станува збор за најпродаван гудачки квартет на сите времиња- групата има продадено неверојатни пет милиони албуми низ целиот свет. Црпат инспирација од класичните, латинските, фолк, џез, рок, електро, индиските и стиловите од Средниот Исток.
Во текот на 10-годишното посетоење, „Бонд“ имаат безброј настапи на телевизии низ Европа, Америка, Австралија, Централна Америка и Азија, на големи телевизиски шоуа, а неколку пати имаат патувано на распродадени турнеи низ целиот свет. Досега имаат издадено 56 платински и 15 златни дискови низ целиот свет.