Постапките на сменетиот каталонски лидер Карлес Пучдемон полека ги иритираат и неговите следбеници. Зошто замина во Белгија? Што понатаму? Затоа на изборите се подготвува кандидат кој всушност го заговара истото, но на поинаков начин.
Пучдемон се засолни во Белгија. Негов евентуален наследник би можел да биде Санти Вила. И тој се бори за независност, но во рамки на законот.
Сантијаго Вила Висенте, познат и како Санти Вила, важи за „пријателско лице на каталонскиот сепаратизам“. Барем наизглед е „подобен“ и за Мадрид. Тој е единствениот министер на каталонската регионална влада кој поднесе оставка кога оцени дека Пучдемон отишол предалеку во судирот со Мадрид.
– Моите обиди за дијалог повторно беа неуспешни, објави на социјалните мрежи по поднесувањето на оставката.
Санти Вила, во деновите кога односите меѓу Мадрид и Барселона стануваа потензични, се обиде да најде решение, прифатливо за сите.
Исто така, за разлика од својот поранешен шеф Пучдемон, тој има и лични врски со поважните политичари во Мадрид, како меѓу владејачките народњаци, така и меѓу социјалдемократите.
Сепаратизмот е легитимен, да се брани во законските рамки
Кога станува збор за Пучдемон, за Вила тој е завршена приказна. Без разлика дали ќе биде уапсен во Белгија и екстрадиран во Шпанија, овака или онака за него можеби ќе се пишува во книгите, но тој не смее да има некаква улога на претстојните избори. Не само Каталонците, туку и раководството на партијата на Пучдемон тврди дека не знаело ништо за неговите намери да замине во Белгија.
Иако Пучдемон и Санти Вила тргнале по различни патишта, целта им е иста, а тоа е независност на Каталонија. Единствена разлика е што Вила сака таа цел „да ја постигне со умерена позиција“.
– Сепаратизмот е легитимен, но тој мора да се брани согласно законските рамки, изјави Вила.
Брзоплетоста на Пучдемон всушност претставува проблем за реализирање на заедничката цел.
– Сега ни се потребни смиреност и разумност. Ние сакаме да ја доведеме Каталонија пред вратата на независноста, но сме вратени во времето кога воопшто немавме автономија, вели Вила, повикувајќи на трпение.
Пред да ја започне политичката кариера предавал историја, прво во гимназија, а потоа и на Универзитетот во Жирона.
Долг политички пат
По новите избори во Каталонија, кои ќе се одржат на 21 декември , Санти Вила сака да биде претседател на регионалната влада. Уверен е дека го може тоа.
– Имам екипа, имам поддршка и имам одлучност, истакна Вила пред неколку денови.
Тој сака „да се слушне гласот на умерените граѓани“ во Каталонија кои биле затекнати од одлуките на Пучдемон и од насилните реакции на Мадрид.
Санти Вила помина долг политички пат. Прво, бил активен во Републиканската левица на Каталонија (ЕРЦ), партија со горда историја во борбата против Франсиско Франко, а потоа преминал во ЦиУ. Тоа е всушност политичка организација од која е создадена и Демократската европска партија на Каталонија (ПдеЦАТ) на Пучдемон.
Партиското раководство веројатно нема проблем со тоа што Вила ќе се кандидира, иако излезе од партијата. Портпаролот на партијата Жосеп Луис Клериес изјави дека Вила „секако има право да се кандидира“ за претседател на покраинската влада.
Без да го спомене името, Санти Вила остро го критикуваше својот досегашен соборец во борбата за независност.
Сега смета дека борбата за независност на Каталонија мора да се гради од почеток. Вистина е дека тој се стреми кон „бескомпромисен“ пат кон независност, но тоа треба „да се направи добро“ и во законски рамки.
Референдум што би го признал Мадрид
На изборите на 21 декември Вила има три главни програмски цели: одбрана на институциите и самоуправата – односно враќање на досегашниот статус на автономија.
Покрај тоа, да се постигне „амнестија“ и да се најде начин „за решавање на судирот по политички пат“, со тоа да не се занимава јавното обвинителство, и конечно – Каталонците да одржат референдум за независност, кој ќе биде „признат од Шпанија и меѓународните институции“.
Но, кога станува збор за ова последното, во Мадрид би можел да наиде на ѕид. Без разлика што и референдумот на Пучдемон, доколку го одобреше владата во Мадрид, ќе поминеше најверојатно како оној во Шкотска, со тесна победа на заговорниците за останување со Шпанија, во мадрид за тоа воопто не сакаат да разговараат.
Извор Дојче Веле