Папата Францис вели хомосексуалците не треба да бидат маргинализирани, туку интегрирани во општеството.
Зборувајќи со новинарите по своето враќање од Бразил, тој ја потврди позицијата на Римокатоличката црква, според која хомосексуалните акти се грешни, но хомосексуалната ориентација не е.
„Ако некој е хомосексуалец и го бара Бог со добра волја, кој сум јас да судам?“, изјави папата.
„Веронауката на Католичката црква тоа го објаснува најдобро. Вели дека тие (хомосексуалците) не треба да бидат маргинализирани (поради ориентацијата), и тие треба да бидат интегрирани во општеството“, рече папата на италијански јазик.
Тој истакна дека бара поголема улога на жената во Црквата, но инсистираше дека тие не можат да бидат свештенички.
Папата се врати во Рим по своето еднонеделно патување во Бразил, негова прва посета во странство во улога на папа – која резултираше со огромен собир на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро.
Организаторите велат, речиси три милиони луѓе биле присутни на собирот.
На неговите коментари за геј-популацијата се гледа како многу посмирувачки од позицијата на неговиот претходник по ова прашање.
Папата Бенедикт XVI во 2005 година потпиша документ, според кој, мажите со длабоко вкоренети хомосексуални тенденции не треба да бидат свештеници.