Младата македонска поетеса Николина Андова е добитничка на годинашната награда „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска поетска книга во светот, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата (СВП) и УНЕСКО.
Андова наградата ја добива за дебитантската книга „Влезот е од другата страна“, а Одлуката на УО на СВП за доделување едногласно е донесена на состанокот на 15 јули годинава во Струга.
– Наградата „Мостови на Струга“ е воспоставена во 2004 година и во овие десет години си направи свое место така што стана една од најактуелните нагрди за млади поети која се доделува за дебитантска книга во светот, рече претседателот на Управниот одбор на СВП Ѓорго Димовски.
Тој посочи дека книгата „Влезот е од другата страна“ импонира со своевиден занимлив поетски исказ кој вниманието на читателот го привлекува со својата необичност и провокативност, проткаени со префинета иронија и пародија, присутна речиси во сите песни без исклучок.
Годинашното издание на СВП ќе почна на 22 август, а до 10 август ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува за најдобра поетска книга напишана на македонски јазик. Досега е потврдено учеството на 50-тина еминентни поети од странство.