Драматургот Огнен Георгиевски, за НОВА излезе со демант дека е сценарист на серијата „Македонија“, која во последно време ја бранува јавноста со финансиски афери.
Во демантот на Георгиевски се вели:
-Неточните тврдења во македонските медиуми дека сум сценарист на серијата „Македонија“. За истата не сум напишал ниту еден збор, ниту сум потпишал било каков договор со било кој од продуцентите на истата, ниту пак сум земал било каков паричен надоместок.
На почетокот на 2016-та, ме исконтактира еден мој колега, кој ме охрабри да го приложам моето резиме како еден од потенцијалните сценаристи на ТВ серија, која треба да се снима во Македонија, со хрватски продуценти.
Во февруари и март таа година јас разменив неколку емаил пораки со господинот Винко Грубишиќ, по што мојот конечен одговор беше дека поради други ангажмани не можам да работам на серијата. Како моја замена, предложив еден наш реномиран драматург, за кого не знам дали воопшто го исконтактирале.
Иако и на веб страницата на Агенцијата за Филм на Република Македонија стои дека сум дел од пишувачкиот тим на серијата, тоа, едноставно не е вистина, изјави за НОВА драматургот Огнен Георгиевски.
Георгиевски е реномиран сценарист од Македонија, кој живее во Торонто, Канада, а негови дела меѓу останатите, се и сериите “Фамилија Марковски” и ” На терапија”.
Пред неколку дена, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по известување од Управата за финансиска полиција, отвори предистражна постапка во врска со договорот помеѓу Агенцијата за филм и продукциска куќа ангажирана за снимање на играната серија „Македонија“ . Надлежниот јавен обвинител ги презема сите неопходни дејствија за утврдување на фактите.
„Издадени се повеќе насоки и наредби за прибирање на материјални докази поврзани со севкупната постапка за снимање на играната серија. Во оваа фаза од постапувањето веќе е доставен дел од бараните докази, а побарано е и нивно дополнување“, соопштија од Јавното обвинителство.