Повеќето општини во Македонија калкулираат колкав би бил трошокот за приклучок на гасоводната мрежа за домаќинствата и за компаниите и во кој степен тоа ќе влијае на нивниот стандард,
Дали станува збор за куќа, станбена зграда или, пак, за индустриски објект се претпоставува дека за пристап до овој енергент ќе треба да се одвојат од 500 до 1.000 евра, пишува Нова Македонија.
Се уште не се познати роковите кога ќе почне изградбата на мрежата и од кога ќе можат граѓаните да се приклучуваат на неа, но може да се очекува дека цените за приклучок ќе се дефинираат по изработката на студијата за исплатливост на дистрибутивната мрежа на природен гас во Република Македонија.
Професорот Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ), вели дека не може да се даде точен одговор колку ќе плаќаат граѓаните за приклучок кон дистрибутивната мрежа или колкави сметки ќе плаќаат.
Според него „сите знаат дека во Струмица се споменуваат цени околу 600 евра, но во земјава сѐ уште не е дефинирано и ќе зависи од повеќе фактори. Почнувајќи дали е индивидуален или колективен објект, потоа дали гасот ќе се користи само во кујните или и за загревање. Има многу причинители и тешко е да се каже точна цена, но голема е веројатноста таа да се движи околу споменатата сума“, вели професорот Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ).
Тој посочува дека е вообичаено граѓаните да плаќаат одредена сума за приклучок кон некоја мрежа за дистрибуција на енергија, исто како што се плаќа за приклучување кон мрежата на ЕВН за користење електрична енергија.
Димитров истакнува дека цената во Истанбул за приклучок се движи од 250 до 350 евра и дека на таа мрежа се приклучени над пет милиони корисници, што, според него, е и една од причините за пониски трошоци.