Немањето изводи од матичната книга на родените ги остава децата Роми во Европа под ризик од без државјанство и без здравствена заштита или образование, објави денеска Агенцијата на ОН за бегалци(УНХЦР). Според анализата илјадници илјади луѓе во Европа немаат изводи од матичната книга на родените и се ставени под ризик од немање државјанство.
„Оставени се да се мачат да извадат лични документи, да пристапат до клучни услуги како образование, здравствено осигурување и подоцна во животот да најдат вработување, да бидат сопственици на имот, да склучат брак и да го запишат раѓањето на нивните деца“, се вели во извештајот.
Ново истражување на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР), Европската мрежа за без државјанство и други ја открива дискриминацијата со која се соочени малцинствата без државјанство.
„Повеќе од 75% од популациите на светот познати по тоа што се без државјанство им припаѓаат на малцински групи. Во Европа, Ромите се посебно ранливи од бездржавјанство. Тие се заглавени во кругот каде недостатокот на државјанство и документација на родителите го попречува запишувањето на раѓањето на нивните деца кои немаат можност да го докажат своето право на државјанство. Тоа води кон нова генерација којашто расте во сиромаштија, со тежок пристап до образование, здравствена заштита и други основни услуги“, смета Инге Стуркенбом, офицер за правна заштита при Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР)
Животот без извод од матичната книга на родените и државјанство има коренито влијание врз илјадници Роми коишто живеат во Европа, вклучувајќи и деца. На состанок во Европскиот парламент, група парламентарци од разни партии ќе ги повикаат земјите-членки и Европската комисија да го сконцентрираат нивното внимание на ризикот од оставањето на Ромите без државјанство и да дискутираат за следните чекори во решавањето на ова прашање во земјите кои се дел од процесот на проширување на ЕУ, како и внатре во ЕУ, се вели во соопштението од УНХЦР.
„Ова е проблем што многумина веруваат дека е решен, но живеењето без државјанство и права е тешка реалност за илјадници Роми во ЕУ. Децата-Роми кои се родени во Италија од родители кои пребегале таму за време на Балканските војни сè уште се соочуваат со проклетството на бездржавјанството, иако нивните семејства живеат таму со децении. Ние, како пратеници во Европскиот парламент мораме да осигураме тоа да остане приоритет на агендата на ЕУ сè додека сите Роми не можат да ги исполнат своите права како европски граѓани“, изјави Сораја Пост, европратеничка и копретседавач на групата на Европскиот парламент против расизам и за разноликост
За Ана Марија Кораца Билт, европратеничка и копретседавач на групата за детски права, неприфатливо е децата во Европа да се раѓаат без државјанство.
„Неприфатливо е деца во Европа сè уште да се раѓаат без државјанство и групата за детски права е целосно посветена – заедно со УНХЦР и граѓанскот општество да стави крај на бездржавјанството кај децата. Детето е пред сè дете без разлика на неговиот правен статус и ние имаме одговорност да ги заштитиме без двојни аршини. Ги повикуваме земјите-членки согласно постоечкото меѓународно законодавство да ја прекинат неразрешената правна ситуација која сè уште влијае на многу деца Роми низ Европа, “вели Кораца Билт.
Крис Неш, директор на Европската мрежа за бездржавјанство (ЕНС), потенцира дека ова треба да биде приоритет на Европскиот парламент и Европската комисија.
„Нашето истражување во Западниот Балкан откри дека комплексните постапки за граѓанска регистрација го кочат пристапот до клучни документи и се водечка причина за бездржавјанство кај Ромите. Бараме реформирањето на овие постапки и искоренувањето на бездржавјанството кај Ромите да биде приоритет за Европската комисија и Европскиот парламент за време на преговорите за проширување на ЕУ,“вели Неш.




