Земјоделците од најголемата житница во земјава, Пелагонија, стравуваат дека пченицата годинава ќе им остане неоткупена. Според нив, житото наместо по силосите во мелниците, им лежи по амбарите, гаражите и на нивите.
Откупот на пченицата се одвива многу бавно и по многу ниска цена – 11 денари за килограм, е за три денари помалку отколку што беше договорено пред почетокот на жетвата со Министерството за земјоделство, објавува Дневник.
Досега неоткупена остана повеќе од половина од годинашната реколта на жито во најголемата житница во земјава. Во Министерството за земјоделство велат дека ниту еден килограм нема да се увезе ако не се откупи домашното жито. Земјоделците во паника, не знаат што да прават со пченицата.
Земјоделците се жалат дека некои мелничари го условуваат откупот со ниските цени и други неважни критериуми.
– Откуп има на диво. Доаѓаат трговци од Албанија и ги откупуваат житото и јачменот за по 12 или 13 денари. Парите ни ги даваат на рака, но без документи. Некои го предаваат родот зашто секое чување на житото чини пари. За да се складира, потребни се вреќи, работна сила. Секое поместување на еден тон жито чини 200 денари. Со тоа се зголемува цената. Kолку повеќе житото ни седи по амбарите и гаражите, толку повеќе е оптоварено со давачки – рече Бошко Стрезовски, земјоделец од Гермијан.
Заменикот на министерот за земјоделство Зоран Kоњановски деновиве изјави дека по нивни процени, половина од годинешната реколта на пченица не е откупена и побара мелничарите да имаат пофер однос кон земјоделците.