Како виновен за давање лажно сведочење пред ФБИ се изјасни поранешниот советник за национална безбедност на Доналд Трамп, Мајкл Флин. Тој ја призна целосната вина дека лажел за неговите контакти со рускиот амбасадор во САД.
Флин беше разрешен од функцијата советник за национална безбедност во Белата куќа во февруари, откако беше откриено дека не го информирал потпретседателот Мајкл Пенс за неговите контакти со рускиот амбасадор.
Тој е главна фигура во федералната истрага за влијанието на Русија на претседателските избори во 2016 година во САД и можната соработка со кампањата на Трамп, што ја води специјалниот обвинител Роберт Мјулер.
Флин ги излажал агентите на ФБИ дека во декември 2016 година не побарал од рускиот амбасадор во САД да се воздржи од ескалација на ситуацијата откако Вашингтон и воведе санкции на Москва, тврди Мјулер во обвинението.
Тој се соочува со затворска казна од пет години.




