Во Собранието на Република Македонија за денеска е закажано ново продолжение на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, на која на дневен ред е Предлог-буџетот за 2018 година.
Седницата за Предлог-буџетот 2018 година почна минатиот понеделник и оттогаш беа закажани неколку продолженија на седницата, но не се одржа ниту едно.
Претседателка на оваа комисија е Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ која по апсењата поврзани со 27 април годинава неколкупати ја закажува и ја одложува Комисијата.
Доколку таа и денеска ја одложи Комисијата, тогаш со неа ќе продолжи да претседава мнозинството. Како што објави ТВ 24 за да се одблокира работата на ова тело, Џафери ќе ги искористи своите овластувања и најверојатно уште денеска ќе постави нов претседавач – Васко Ковачевски.
Вчера се одржа седница на законодавно правната комисија посветена на Буџетот за 2018 година, но без присуство на пратениците од опозицијата. Претседателката Соња Мираковска од НСДП рече дека морала да ја закаже ова седница бидејќи роковите течат.
Од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ велат дека немаат конечна одлука дали ќе ја напуштат комплетно работата на Собранието. Според нив сите опции се отворени.
По инцидентот на 24 декември 2012 се смени деловникот за работа на Собранието и се ограничи буџетската расправа во Собранието. Според планот Буџетот за 2018 година би требало да се стави на гласање пред пратениците до 18 декември.
Расправата по предложениот буџет според Деловникот во Комисијата трае 10 работни денови. По текстот се поднесени 279 амандмани. По завршување на расправата во Комисијата, Предлог-буџетот оди на пленарна седница каде се расправа пет работни денови.