Во Министерството за надворешни работи денеска се одржа прва информативна сесија на Фондот за Западен Балкан во Македонија, по повод првиот повик за поднесување регионални предлог проекти.
– Фондот е прва, инклузивна и автохтона регионална иницијатива, со основна мисија – промоција на регионалната соработка, интеграција во ЕУ и севкупен развој на регионот, рече Виктор Димовски државен секретар во МНР.
Според него, главна цел на Фондот е да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја унапреди интеграцијата во ЕУ, а тоа ќе се обезбеди преку промовирање заеднички вредности меѓу граѓанското општество и регионалните актери, и преку размена на искуства, знаења и вештини, меѓу луѓето од државите од регонот.
Ѓерѓ Мура, извршен директор на ФЗБ, вели дека Фондот ќе поддржи проекти кои имаат за цел да ја зајакнат соработката меѓу претставниците на граѓанскиот сектор во регионот.
– Фондот финансиски го поддржуваат шесте влади од Западен Балкан, а секоја од нашите земји придонесува со подеднаква сума, и тие пари се посветени на граѓанскиот сектор, рече Мура.
Антоанета Иванова програмски кооординатор од Фондот за Западен Балкан, истакна дека во моментот Фондот располага со 230.000 евра кои треба да бидат распределени на невладини организации, универзитети, училишта, општини и други ентитети кои се непрофитни од регионот.
Според неа, важно е да има тројца партнери на еден проект, еден еден партнер кој е носител или институција, и други двајца кои се од регионот.
Максималната сума што може да се издвои за еден проект е 12.000 евра.
Рокот за аплицирање е до 22 декември, а сите информации можат да се најдат на http://westernbalkansfund.org.