Грчкиот премиер Алексис Ципрас очекува во 2018 година да се случи пресврт пошироко на Балканот, но и да има позитивни случувања во однос на прашањето со Македонија доколку, како што вели, Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред.
– Сметам дека 2018 година може да биде година од пресудно значење за разни други прашања кои се однесуваат на оваа област, рече Ципрас на заедничка прес-конференција во Белград со премиерите на Бугарија и Романија, Бојко Борисов и Михај Тудосе и претседателот на Србија Александар Вучиќ.
-Би ја искористил приликата да ги споменам и проблемите со кои со години се занимаваме со Поранешната Југословенска Република Македонија. Како што рече и мојот пријател Борисов прашањето за Скопје можеби во 2018 година ќе донесе некои позитивни случувања доколку новата Влада во Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред и кон решавање на тој проблем.
Ако тие се откажат од реториката и изјавите дека се тие единствените потомци на Александар Македонски и од своите иредентистички тврдења, тогаш можеби и би можеле да најдеме некое заедничко решение. Во тој случај, јас ќе бидам првиот кој ќе ја гарантира европската перспектива, безбедност и сигурност на таа земја.
Ние сакаме да направиме иднина во која сите мирно заедно ќе живееме и ќе соработуваме. Тоа што не дели е помало и го има помалку во однос на тоа што не соединува, рече Ципрас.
И бугарскиот премиер Бојко Борисов е дециден дека прашањето за името меѓу Македонија и Грција мораме да се реши.
-Мора да се обединиме и да и помогнеме на Европската комисија да му помогне на Брисел да донесат правилни одлуки, а не да поставуваат некакви ултиматуми. Ние сакаме да ја одработиме својата задача и дури тогаш да посочиме што предлагаме, а на нив е да одлучат дали го прифаќаат тоа или не, истакна Борисов.