Со почеток од 20 часот, шекспировата претстава „Сон на летната ноќ“ ќе биде премиерно изведена вечерва на фестивалот „Охридско лето“, режисерска поставка на хрватскиот уметник Иван Лео Лемо, а во изведба на Народниот театар од Охрид.
Уметничкиот директор на Охридскиот театар, актерот Горан Стојаноски за „Сон на летната ноќ“ вели претставува предизвик не само за режисерот, сценографите, авторскиот тим, туку и за самите актери, а и одговорноста кон едно такво дело, за него е несомнено голема.
„Со оглед што минатата година нашата екипа со „Малограѓанска свадба“ докажа дека е на рамниште на вистинската вредност со најголемите театри во земјата, така да во една силна заедничка вљубеност и атмосфера во процесот, дојдовме до резултат – час и половина концентрат на неколку светови“, изјави Стојаноски.
Стојаноски кој толкува две улоги во премиерата за претставата рече дека е забавна, интересна, возбудлива, но и многу необична со поставка првпат видена на овие простори.
Режисерот на претставата, Иван Лео Лемо за својата креација на „Сон на летната ноќ“ истакна дека после доаѓањето во Охрид дошол до заклучок дека нема покомпатибилен град за да се работи еден езотеричен, магичен волшебник каков што е Шекспир.
– Поставката на претставата е во затворен простор од две причини – втората причина е што претставата е технички сложена и деликатна, со посебни видео проекции, а првата причина за ваквиот пристап е што гледајќи неколку изведби на шекспирови дела во амбиентални театри, дел од нив ми изгледаа како да не им оставаат доволно простор на гледачите преку својата имагинација да им дадат значение на симболите и сценските знакови – рече Лемо.