Во Генералното собрание на ОН денеска, земјите-членки ќе гласаат за одлуката на САД да го признаат Ерусалим за главен град на Израел, но пред самиот почеток, американскиот претседател Доналд Трмап и американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, упатија остро предупредување да не се гласа против САД, затоа што ќе се соочат со финансиски санкции.
Во заострена реторика, претходно Трамп, а потоа и Хејли порачаа дека Америка будно ќе го следи гласањето и ќе забележува кој како ќе гласа.
„Земаат стотици милиони долари, па дури и милијарди долари, а потоа гласаат против нас“, рече Трамп, кој потоа додава дека на САД не му е ни бажно, бидејќи ќе заштеди „еден куп пари“.
На ова реагираше палестинскиот министер за надворешни работи, Ријад ал-Малки. Тој ги осуди „заканите“ и особено писмото што американската амбасадорка во ОН го упатила на повеќемина министри за надворешни работи.
„Ники Хејли со писмото се обиде да им се закани и заплаши другите земји“, рече палестинскиот министер на прес-конференција во Истанбул.
Во писмото Хејли пишува дека Трамп од нејзе побарал да му ги пријави сите земји кои гласале против САД.
„Ќе го забележиме секој глас“, предупредува Хејли во писмото.
Резолуциите кои се гласаат во Генералното собрание на ОН не се правно обврзувачки.





