Србија ќе мора да и воведе контра-мерки на Македонија, доколку во наредните 10 дена не биде отстранета спорната уредба за ограничувањето на увозот на пченица и брашно, изјави во четвртокот помошник министер за трговија на Србија, Бојана Тодоровиќ.
„Доколку не видиме дека Македонија се движи кон укинување на мерката со која се ограничува увозот на пченица и брашно, ние ќе разгледаме воведување на контра-мерки“, изјави Тодоровиќ за агенцијата Танјуг .
Таа истакна дека во последните денови српската влада немала директен контакт со македонската Влада, но дека преку медиумите ги следеле збиднувањата во Македонија.
„Во овој момент се чини дека Владата на Македонија не е на пат кон укинување на овие мерки“, оцени Тодоровиќ.
Таа информираше дека контра-мерките би биле одредени во соработка со српското министерство за земјоделие, а би можеле да се однесуваат на македонски извоз на сезонско овошје и зеленчук.
„Намерата на Србија е да ги заштити домашните производители, а не да влегува во конфликт, но и меѓународните обврски мора да се почитуваат. Ни сме подготвени да ги почитуваме, но тоа го очекуваме и до сите трговски партнери“, прецизира Тодоровиќ.
Таа изрази очекување дека македонската влада ќе ја укине спорната уредба и дека Србија нема да биде доведена во ситуација да воведува контра-мерки.
Според Тодоровиќ, на состанокот на комитетот на ЦЕФТА одржан на 22 јуни во Белград сите членки на ЦЕФТА извршиле притисок врз Македонија да се обврзе да ја укине спорната одлука во разумен рок.
„Тој рок не е прецизиран, но може да се смета дека е рок од месец до месец и половина, бидејќи се работи за сезонски производ“, рече Тодоровиќ.
Поради спорната мерка, во македонија од србија месечно се извезуваат два до три пати, по некогаш и четири пати помалку брашно и пченица, отколку кога е слободен извозот, вели Тодоровиќ.
Македонија официјално започна да применува мерка со која за килограм увезена пченица македонските увозници мораа да купат три килограми домашна пченица, а за килограм брашно четири килограми домашна пченица.
Македонскиот министер за земјоделие Љупчо Димовски неодамна порача дека мерката ќе биде на сила се додека не го даде посакуваниот резултат и дека не би требало да биде укината до крајот на годината.