Министерот за надворешни работи на БиХ Игор Црнадак изјави дека неговата земја не разгледува признавање на Косово и тој став во иднина нема да се промени.
Тој за телевизијата Н1 рече тоа би требало да биде став на БиХ, без објаснување дека тоа е така „затоа што Република Српска има таков став”, како и дека би било важно Претседателството на БиХ да се усогласи и така да ја води политиката кон Србија.
Коментирајќи го потегот на американскиот конгресмен Мајк Тарнер, кој упати писмо до државниот секретар на САД Рекс Тилерсон во кое наведе дека земјата треба да ја преземе водечката улога на Балканот и предложи потпишување договор „Дејтон 2“, Црнадак рече дека нема потреба за тоа.
– Нема потреба од тоа, сигурен сум и дека нема да има, тој вид меѓународен интервенционизам заврши. САД ќе бидат присутни на овие простори со желба да дојде до стабилизација, реформи, но ангажман од тој вид, да се прави меѓународна конференција, да се соберат сите важни актери, тоа се нема да се случи, имаше стотина такви идеи, истакна Црнадак.




