„Во овој период од кога мерката е воведена, Владата и сите државни институции се фокусирани на надминување на предизвикот што постоеше на пазарот со пченица за да се стекнат услови мерката да биде повлечена. Во овој момент мерката е се уште актуелна, а ние сме фокусирани на подобрување на пазарниот инструментариум“, изјави денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
>>Србија се закани – за 10 дена контра-мерки за Македонија
Тој апелираше сите субјекти, домашни и од странство, да покажат конструктивен однос зашто пазарот, рече, е материја што битно зависи од психолошките перцепции, изјави, насоки или определени видови постапки.
– Фокусирани сме, работата оди добро и веќе над 70 проценти од домашното производство на пченица е дистрибуирано меѓу откупувачите. Се трудиме тој процес да биде забрзан и во соодветен период да можат да бидат отстранети условите поради кои беше воведена заштитната мерка. Повеќе пати имаме разговарано со сите засегнати страни, кој и да побарал, сме дале информација базирана на аргументи. Очекуваме предизвикот да биде надминат во догледен период, потенцираше портпаролот на Владата Ѓорѓиев.