Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност изрази жалење за човечките жртви при протестите во Иран и побара од властите во Техеран да им го овозможат на демонстрантите правото на протест.
Во соопштението се вели дека ЕУ одблизу ги следи демонстрациите во Иран, зголеменото насилство и неприфатливото губење човечки животи. За ЕУ човечките права се суштинско прашање во нашите односи со Иран. Мирните протести и слободата на изразување се основни права кои важат за секоја држава, а Иран не е исклучок, пишува во соопштението на Могерини.
Таа деновиве беше критикувана во медиумите поради бавната реакција на протестите, особено во споредба со реакциите од САД кои побараа седница на Советот за безбедност на Обединетите нации во врска со протестите.
Во соопштението од кабинетот на Могерини се вели дека ЕУ е во контакт со иранските власти и ги повикува сите страни да се воздржат од насилство и да го почитуваат правото на слободно изразување.




