Незаконитости, некомплетна документација, кршење на надлежностите и трошење средства за кои нема законска оправданост во буџетот се општите наоди во првиот дел од ревизијата на документацијата на Скопје 2014 која ја изработија експертите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски на барање на новото раководство на општина Центар.
Незаконско префрлање средства од буџетот
Биле спроведени вкупно 57 постапки за подигање на спомен обележја и скулптури во вредност од 55.418.175 милиони евра. Голем дел од овие средства биле префрлани од централниот буџет, односно владата, но според законите пари можат да се префрлаат во локалните буџети само доколку се градат капитални објекти. Во периодот од 2007 до 2012 година биле префрлени околу 58 милиони евра од Владата во буџетот на општина Центар.
Незаконско градење на меморијални споменици
Според законите само Собранието може да донесе одлука за поставување на меморијален споменик, додека општините можат да поставуваат спомен-обележја. Според написите на повеќето медиуми во времето кога се обелодени проектот Скопје2014, општина Центар сите споменици кои ги подигна ги води како спомен – обележја, а не споменици со цел да се заобиколи Собранието и евентуалната дебата која таму ќе се отвореше. Па така, и Гоце и Даме и Самуил и Воинот според официјалната документација не се споменици на значајни личности од историјата, туку само спомен-обележја.
Или според законот, спомен обележјата одбележуваат личности и настани од локално значење, додека меморијалните споменици обележуваат личности од историско и државно значење. Но, ревизијата констатирала дека општина Центар, покрај својата програма за спомениците, прифаќала и иницијативи од други институции за споменици кои во описот не биле предлози за спомен обележја, туку предлози за меморијални споменици. Општината ги прифажала и покрај тоа што нема ингеренции да гради такви споменици.
Незаконско спроведување на постапките
Ревизијата утврдила сериозни пропустиво постапката за подигање на спомен-обележјата. Така на пример, според законот за да се донесе одлука за подигање на споменик, потребно е тоа да биде вметнано и во програмата на општината. Но, на пример во случајот со споменикот на Цар Самуил, дури откако била донесена одлука на Советот и било распишано идејно решение и склучен договор за изработка, споменикот се вметнал во програмата. Според ревизијата,ова било направено со најголем дел од спомен-обележјата.
Ненадлежност
Според експертите, општина Центар не смеела да гради мостови и фонтани бидејќи тоа е надлежност на Град Скопје. Тие сепак ги изградиле мостот Око (1.896.016 милиони евра), Мостот на уметноста (2.370.207 милиони евра) и двете фонтани во Вардар (1.111.877 милиони евра).
Спомениците „поскапувале“ во документацијата
Ревизијата констатира дека во објвените конкурис е наведена пресметковната вредност на спомениците која најчесто суштествено се разликува од сумите потрошени во потпишаните договори за изработка на идеен проект и модели скулптури и договорите за лиење и изградба. Така на пример, споменикот на Ченто според основниот договор чини 4 милиони денари или 65 илјади евра.
Но, подоцна трошоците пораснале за околу 12 пати или Ченто на крајот чинел 813 илјади евра. Од нив, околу 160 илјади евра биле хонорар за авторот, а останатите биле за изведбата, без да се вклучат трошоците за постаментот. Интересно е дека општината склучувала договори и со различни автори од оние кои биле избрани на конкурсот за идејно решение. За споменикот на Ченто на конкурсот бил идејниот проект на авторот Александар Ивановски, додека договор бил склучен со авторот Димитар Филиповски.
Плаќале за мермерни, а лиеле бронзени споменици
Еден од поинтересните заклучоци на експертите се деталите околу спроведената постапка за споменико на Никола Карев. Основната вредност на договорот била 4 милиони денари за лиење на споменик во бронза, но подоцна овој споменик значително поскапел за дополнителни 45.000.000 евра кои биле побарани поради „трошоците за мермер за споменикот“. Комисијата на лице место констатирала дека споменикот не е од мермер, туку од бронза.
Покрај трошоците за самите споменици, општината потрошила речиси 8 милиони евра за изработка на моделите за спомениците. Покрај високите хонорари, општината на пример потрошила 9 илјади евра за 9 месеци само за храна и кафе за ангажираните на правење на моделот на Ченто.
Тасева и Малиновски наодите од вториот дел од ревизијата ќе ги презентираат за 3 месеци. Градоначалникот Андреј Жерновски најави дека сите наоди ќе ги достави во Јавното обвинителство. Во општина Центар се подготвува и втора ревизија од Септември од страна на Државниот ревизор кои доаѓаат на покана на градоначалникот.
Во меѓувреме, Жерновски рече дека се трудел да обезбеди помош од амбасадите за да може да плати независна ревизија од странство за трошоците за спомениците, услуга која чини многу пари и која во моментов општината не може да си ја дозволи. Жерновски ги обелодени и трошоците за Тасева и Малиновски – 50 илјади денари месечен хонорар. Се работи за иста сума на хонорар, колку што земаат членовите на Анкетната комисија за црниот понеделник.