Косовскиот претседател Хашим Тачи постигнал договор со американска лоби компанија која треба да му помогне во подобрување на односите со САД.
Овие услуги за компанијата, за која се смета дека е блиска до американскиот претседател Доналд Трамп, косовската држава ќе ја чинат 52 илјади долари месечно или над милион долари за две години.
– Договорот е потпишан на 22 декември 2017 година, денот кога Тачи се обиде да го укине Специјалниот суд. Компанијата идентични услуги им даваше и на двајцата добри пријатели на Тачи, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и албанскиот премиер Еди Рама -констатира приштинскиот весник „Експрес“.
Компанијата „Балард партнерс“, која ја раководи лобистот Брајан Балард, според весникот, треба да помогне во подобрувањето на имиџот на Тачи меѓу Амерканците. Балард е близок соработник со Трамп и беше ангажиран во неговата изборна кампања.
Договорот важи до 21 декември 2019 година и во тој период вкупниот износ на пари ќе биде исплатен во осум рати.




