Преговарачите за спорот околу името, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, веќе нема да се среќаваат со посредникот Метју Нимиц. Преговорите за името ќе ги водат делегации од МНР предводени од министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, потврдиле за Телма, извори од македонското МНР. Во оваа фаза поинтензивно ќе комуницираат и директорите за Балкан во Министерствата, Александра Миовска од македонска и Софија Грамата од грчка страна. И двете дипломатки веќе биле присутни на последната рунда преговори во Њујорк и се добро упатени во преговарачкиот процес, велат истите извори.
Посредникот Метју Нимиц, кој најверојатно, за десетина дена ќе ги посети Атина и Скопје, ќе се сретне со министрите за надворешни работи. Министрите Димитров и Коѕијас, по последната нивна средба во Солун, веќе најавија дека преговорите ќе се одвиваат со подиректна и поинтензивна комуникација меѓу нив.
По последната рунда преговори во Њујорк, амбасадорот Васко Наумовски, го нарече пакетот што го предложи Нимиц недостоинствен. Изјава што беше оценета како дипломатски пропуст, бидејќи не е пракса преговарачот да ги оценува идеите од преговарачката маса.