Вкупно 54 борци на силите на сириските Курди и припадници на бунтовниците, кои се поддржани од Турција, загинаа во последниве три дена во борбите во северна Сирија, каде Турција во саботата почна офанзива во реонот на Африн.
Како што соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, во борбите и турските воздушни напади во реонот на Африн загинале 26 припадници на Силите за заштита на народот на сириските Курди.
Од друга страна, според Центарот, при борбите животите ги загубиле и 19 сириски бунтовници, додека деветмина од загинатите се уште не се идентификувани.
Според центарот, при турските воздушни напади загинале и 22 цивили, а уште двајца цивили ги загубиле животите при гранатирање од страна на сириските Курди.
Во исто време, турскиот вицепремиер Бакир Боздаг денеска изјави дека при воената операција наречена „Маслиново гранче“ не загинал и не е ранет ниту еден припадник на Вооружените сили на Турција.
Тој нагласи дека операцијата се спроведува успешно, онака како што е планирано и побара меѓународна поддршка за воената акција на Турција.
Според Боздаг, турската воена операција ќе продолжи се „додека реонот не биде исчистен и од последниот терорист“.
Турција ги смета Силите за заштита на народот за огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија. ПКК се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, САД и ЕУ.




