Советот за безбедност на ОН ќе се состане вечерва на отворена седница на која ќе се расправа за ситуацијата во Сирија, вклучувајќи ги и информациите за наводен нов хемиски напад во предградие на Дамаск.
Вечерашниот состанокот е свикан на иницијатива на Русија, откако претходно беше најавено одржување на затворена седница за ова прашање за утре претпладне.
Западните медиуми повикувајќи се на активисти на организацијата „Бели шлемови” информираа дека сириската Влада вчера извршила хемиски напад со отровен гас, при што се повредени околу 20 цивили во предградието на Дамаск, Источна Гута, кое е под контрола на бунтовничките групи.
Според либанскиот ТВ канал „Ал Мајадин”, пак, најмалку две деца загинале, а уште 30 други биле затруени со амониум хлорид во предградието Источна Гута.
Како што јави АФП, САД веќе ја обвинија сириската Влада дека извршила хемиски напад и ја критикуваа Русија за опструкции на обидите за истрага на ОН на сомнежите за напади со хемиско оружје во Сирија.
Информацијата за нов хемиски напад во Источна Гура засега не е потврдена од независни извори.




