Никос Анастасијадис, актуелниот претседател на Кипар, е реизбран на оваа функција по денешниот втор круг претседателски избори.
Од сите преброени гласови, тој доби 55,99 проценти.
Одѕивот бил 73 отсто, што е за 10 проценти помал од претседателските избори во 2013 година, кога изнесуваше 83 отсто, но два отсто повисок од првиот круг избори годинава.
Право на глас имаа 550.000 граѓани на Кипар.
Жителите на Кипар денеска избираа меѓу двајцата кандидати, досегашниот кипарски претседател Никос Анастасијадис и независниот кандидат Ставрос Малас.
Анастасијадис (71) од христијанско-демократската партија Демократски збор во првиот круг од претседателските избори, што беа одржани на 28 јануари, освои 35,5 отсто од гласовите, а неговиот ривал, независниот кандидат Малас (50), кој ужива поддршка од комунистичката партија АКЕЛ, освои 30,25 отсто од гласовите.
Никос Анастасијадис е водечка личност на кипарската политичка сцена со децении. Десет години е претседател на партијата Демократски збор. Беше пратеник од 1981 до 2013 година, кога ја исполни својата главна амбиција да стане претседател.




