Успесите на Русија предизвикуваат алергија кај западните колеги, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на мастер часот одржан во рамките на конкурсот „Лидери на Русија“ во Сочи.
Според него, „западните партнери многу болно го прифаќаат тоа што по еден век глобална доминација, гледаат дека повеќе не можат самостојно да ги решаваат проблемите и нe можат на сите да им ја наметнат својата волја“.
– Во контекст на смената на епохите, преминот на епохата на доминација на историскиот Запад, како што го нарекуваме, на еднополарна епоха и успесите кои нашата држава ги извојува на внатрешни и на надворешни фронтови, кај многу наши прекуокеански и европски колеги предизвикуваат алергија, рече Лавров.
Тој нагласи дека Русија е подготвена на дијалог со Западот како рамноправен партнер.
– Постојано го повикуваме Западот на дијалог кој би бил заснован на рамноправност и почитување на меѓусебните интереси, рече рускиот министер.
Лавров нагласи дека е бесцелно да се врши притисок врз Русија.
– Никакви закани, никакви уцени, санкции, притисоци нема да не натераат да престанеме да го правиме она за што сметаме дека е праведно, рече рускиот министер.
Русија сака да го сочува договорот за уништување на ракетите со среден и мал дострел во целосен обем и е подготвена да се договара со САД за тоа, изјави Лавров.
– Во целост ги исполнуваме своите обврски од договорот за понатамошно намалување на стратешкото офанзивно оружје. Водиме дијалог со САД за решавање на некои прашања кои се појавуваат во процесот на исполнување на обврските, рече Лавров и додаде дека Москва е подготвена да се договара за тоа како да се одржи Договорот за уништување на ракети со среден и мал дострел.
Зборувајќи за кибер безбедноста, рускиот министер истакна дека САД ја обвинуваат Русија за хакерски напади, но и оти притоа се држат настрана од дијалогот за борба против кибер криминалот.
– Ние меѓутоа, не губиме надеж и подготвени сме во секој момент содржајно, а не без основи, да ја разгледаме оваа важна задача – задача да се спротивставиме на кибер криминалот, задача да не дозволиме информатичкиот простор да се користи во криминални цели, вклучувајќи го и тероризмпт, нагласи Лавров.




