Не треба да се врши притисок врз Србија за признавање на Косово, изјави австрискиот вице-канцелар Хајнц-Кристијан Штрахe пред утрешната посета на Белград и средбите со премиерката Ана Брнабиќ и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ.
«Признавањето на Косово е работа на Србија, и да и се врши притисок да го признае Косово е погрешен пат», изјави тој. «Но, за ова се потребни долги и компликувани преговори», рече Штрахе и додаде дека за ова прашање Приштина не е отворена.
Тој изрази надеж дека ќе може да има компромис во рамките на Бриселскиот дијалог меѓу Белград и Приштина.
Според шефицата на австриската дипломатија Карин Кнеисл, инаку сопартијка на Штрахе, добро е на Западниот Балкан да има «прогрес, помирување, демократија и стабилност, а за тоа најдобар начин е процесот на пристапување во ЕУ», изјави таа.
Непријатните изјави на Штрахе
Изјавите на Штрахе можат да бидат непријатни за Австрија и особено нејзиното идно претседавање со ЕУ од 1 јули до 31 декември 2018 година. Поради оваа идна улога изјавите на членовите на австриската влада добиваат се поголема тежина.
Така, пред неколку дена реагираше австриска опозиција која потсети на изјавата на Штрахе дека Босна и Херцеговина не може да функционира како држава и дека Република Српска треба да добие право да стане независна. Штрахе ова го изјави во интервју за јавниот ТВ сервис на Република Српска во септември но тогаш тој не беше дел од австриската влада.
Изјавата дури сега предизвика реакции бидејќи ја објави австриската либерална опозициска партија НЕОС.
Во интервјуто Штрахе се прашува зошто меѓународната заедница инсистира на мулти-етничка БиХ бидејќи тоа во оваа држава не може да функционира. «Меѓународната заедница штити држава вештачки креирана преку насилство и тоа не е желба на народот. Според него, единствениот дел од БиХ што функционира е Република Српска и «од таа причина треба да ја разгледаме можноста да и дадеме на Република Српска право да се отцепи».
Неговата изјава е сосема спротивна на ставовите на надворешната политика на Австрија но и на другите нејзини европски сојузници.
Според политиката на западните влади, БиХ треба да остане држава според договорот од Дејтон потпишан во 1995 година. Со договорот БиХ стана самостојна држава составена од два автономни ентитети — муслиманско-хрватска федерација, наречена Федерација БиХ и една малку помала мини држава на Босанските Срби, наречена Република Српска.
Европските влади сметаат дека секој чекор кон независност на Република Српска може да предизвика насилство не само во БиХ туку и низ целиот регион.
Австрискиот канцелар Себастиан Курц ја поддржува стратегијата на Европската комисија за Балканот објавена на 6 февруари и проширувањето на ЕУ кон Балканот.
«Австрија била и ќе биде поддршка за земјите од Западниот Балкан на нивниот пат кон ЕУ. Ние би сакале, за време на нашето претседатавање со ЕУ, од јули, интензивно да се заложиме за напредок на регионот кон европската перспектива», се вели во соопштението на Курц.




