Високи функционери на Белата куќа денес го бранеа начинот на кој власта го менаџираше скандалот за брачно насилство што повлече оставка на Роб Портер, соработник на претседателот Доналд Трамп и секретар на персоналот во Белата куќа.
Соочен со обвинувањата упатени до Портер, Трамп го бранеше соработникот велејќи дека обвинувањата се неосновани и се обид да се уништи животот на Портер и покрај тој што беа објавени две фотографии на екс сопругите на Портер на кои се гледаат модринки од удари. Две негови екс сопруги го обвинуваат за физичко и психичко насилство, обвинувања што тој ги деманира.

«Мислам дека претседателот, како и ние сите, беше шокиран и вознемирен поради обвинувањата», изјави Келијан Конвеј, советничка на Трамп на телевизијата АБЦ.
«Нема причина да не им се верува на жените», изјави Конвеј, овој пат за Си-Ен-Ен и додаде дека «ова не личи на Роб Портер со кој ние работевме во Белата куќа но кога ќе ги видите доказите и ќе разговарате со ФБИ, јасно е што се случувало и затоа тој веднаш даде оставка».
Во непријатна ситуација се наоѓа и генералниот секретар на Белата куќа Џон Кели кого медиумите го обвинуваат дека ја знаел ситуацијата и молчел.

Според Конвеј, за Кели треба да се примени принципот на сомнеж бидејќи, според неа, тој го открил скандалот во исто време кога и другите од Белата куќа.
И правниот директор на Белата куќа Марк Шорт го бранеше Кели а медиумите тврдат дека генералниот секретар знаел за насилствата уште во ноември и не мрднал со мал прст.
Шорт призна дека Белата куќа требало подобро да го менаџира целиот скандал и дека «најверојатно имало недоволно комуникација помеѓу различните служби».
Весникот Њујорк Тајмс тврди дека Трамп бил страшно лут на Кели и дека му бара замена но Белата куќа ова г демантираше.
Демократските опозиционери се исто така вознемирени поради овие скандали:
«Алармантно е што Роб Портер останал на вјилателна функција додека неговото брачно насилство било очигледно добро познато од блиските соработници на Трамп», изјави пратеничката Ан МакЛејн Кастер и побара да се открие кој што знаел и кога знаел.
Токму тие детали Белата куќа не сака да ги објави, изјави уште во четвртокот портпаролот на извршната власт и само подвлече дека Џон Кели не бил целосно запознат со обвинувањата се до денот на оставката на Портер.
Скандалот доби уште поголем замав во петокот кога даде оставка и втор соработник на Трамп, Дејвид Соренсен задолжен да ги пишува говорите на претседателот. Тој исто така е обвинет од својата екс сопруга за насилство.
Во саботата Трамп преку Твитер ги бранеше своите соработници и напиша:
«Животот на некои луѓе е уништен и распрачан со едноставни обвинувања. Некои се вистинити а некои лажни. Некои се стари а некои нови», напиша Трамп без ниту еден збор за жртвите на насилствата.
Според Конвеј, во нејзините денешни интервјуа, овој твит треба да биде сфатен во поширока смисла.
Трамп веќе беше остро критикуван поради поддршката што ја даде на Рој Мур, републикански кандидат во сенаторски избори и обвинет за сексуален напад врз малолетничка и поддршката за Бил ОРејли отпуштен од Фокс Њуз поради сексуален напад.
Самиот Трамп е исто така осомничен за сексуално вознемирување од повеќе жени и снимки од 2005 година во кои тој вулгарно зборува за жените.




